ВТОР СЕТ НА ЕКОНОМСКИ МЕРКИ НА ВЛАДАТА ЗА СПРАВУВАЊЕ COVID-19 КРИЗАТА

              Во насоки на спречување на ширењето на вирусот и како поддршка на економијата во прогласената вонредна состојба, владата на РМ на седницата одржана на ден 31.03.2020 година, донесе и усвои 17-сет мерки, насочени кон спроведување на планот за борбата против ширењето на COVID-19.

            Мерките се уште не се оперативни и од нивната содржина се навестува нивното насочено делување кон секторот кој е погоден од кризата. Селективниот карактер на помошта, прејудицира дека одредена популација од стопанството нема да биде опфатена во рамката на субјекти кои ќе бидат потпомогнати.

            Дилемите ќе се разрешат со денот на донесувањето на прецизните параметри за условите, категоријата на корисници, за кои мерките ќе се применуваат, односно со донесувањето на Владината Програма за финансиска поддршка на работодавачи погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19.

 

Мерка 1 – Финансиска поддршка на правните субјекти од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19.

Механизам на спроведување: Финансиска подршка на погодени од кризата правни субјекти, работодавачи од приватниот сектор за месеците април и мај 2020 година, со износ на минимална плата (14.500 денари/месeчно) по работник;

  • Предмет на финансиска поддршка е исплатата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка за месеците април 2020 година и мај 2020 година, во износ од најмногу 14.500 денари месечно по работник, сразмерно на остварените ефективни часови поминати на работа.
  • Со мерката се поддржува ликвидноста на работодавачите од приватниот сектор, односно се намалуваат нивните трошоци за плати во функција на заштитата на работните места на работниците во услови на криза.
  • Со цел спроведување на мерката ќе биде отворена Владина Програма за финансиска поддршка на работодавачи погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19.
  • Работодавачите, правни субјекти од приватниот сектор самостојно ќе ја исплатат платата на редовен начин, преку алатката МПИН на Управата за јавни приходи,
  • Работодавачите од приватниот сектор, баратели на финансиска поддршка, ќе треба да исполнат неколку услови за да ја користат мерката:
  • да не исплаќаат дивиденди на сопствениците; како и бонуси, годишни награди, награди за деловна успешност и слично на вработените и членовите на органите на управување и надзор на работодавачот
  • да имаат најмалку 30% намалување на приходите споредено со просекот од минатата година / сезонскиот просек (за работодавачите кои вршат сезонска дејност),
  • за месецот за кој се бара финансиска поддршка, просекот на делот на највисоките нето плати на 10% од бројот на вработените кај работодавачот-барател на финансиска поддршка, да не надминува износ од 120.000 денари месечно по вработен.
  • Дополнително:
    • Финансиската поддршка не се однесува на оние вработени кои за месеците декември 2019 година, јануари и февруари 2020 година примиле нето плата повисока од 39.900 денари.

Работодавачите што ќе добијат финансиска поддршка од оваа мерка имаат обврска истиот број на вработени што го имале за месец февруари 2020 година да го задржат заклучно со месец септември 2020 година.

  • Добиената финансиска подршка нема да ја враќаат работодавачи што искажале загуба за 2020 година. За останатите враќањето е лимитирано до износ од 50% од добивката пред оданочување зголемена за оданочивите расходи (расходи кои не се во функција на дејноста и го намалуваат финансискиот резултат).

Оваа мерка ги опфаќа и медиумските правни субјекти од приватниот сектор, под истите услови.

За реализирање на мерката број 1, Министерството за финансии во рок од 2 дена ќе изготви и ќе достави до Владата, Предлог – Уредба со законска сила.

_________________________________________________________________________________

Мерка 2 – Помош за спортистите

За сите спортски работници, вработени во спортските здруженија, владата ќе обезбеди минимална плата од 14.500 денари за април и мај.

Министерството за финансии во соработка со Агенцијата за млади и спорт во рок од 2 дена ќе изготви и до Владата ќе достави Предлог – Уредба со законска сила за реализирање на мерката број 2.

________________________________________________________________________

Мерка 3 – Помош за уметниците

За 141 самостоен уметник ќе биде обезбедена минимална плата за месеците април и мај, како и придонеси преку Министерството за култура.

Министерството за култура во рок од 2 дена ќе изготви и до Владата ќе достави Предлог – Уредба со законска сила за реализирање на мерката број 3.

_________________________________________________________________________________

 

Мерка 4 – Месечна плата (паричен надоместок) за граѓаните што останале без работа поради кризата, во висина од 50% од просечната плата на работникот, во време од 6 месеци.

За граѓаните кои останале без работа поради кризата, државата ќе исплаќа паричен надомест – месечна плата, секој месец во висина од 50% од просечната месечна нето плата, а најмногу до 80% од просечна плата во РСМ на работникот за последните 24 месеци односно согласно член 68 од законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Министерството за финансии ќе изготви и до Владата ќе достави Предлог – Уредба со законска сила за реализирање на мерката број 4.

_________________________________________________________________________________

Мерка 5 – Сите избрани и именувани функционери ќе примаат минимална плата од 14.500 денари во април и мај 2020 година.

Сите избрани и именувани функционери на државно и на локално ниво ќе земат минимална нето плата (сметано од декември 2019) од 14.500 денари за месеците април и мај 2020 година.

Генералниот секретаријат во соработка со Министерството за финансии во рок од 2 дена ќе изготви и до Владата ќе достави Предлог – Уредба со законска сила за реализирање на мерката број 5.

_________________________________________________________________________________

Мерка 6 – Претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции нема да примаат надомест за времетраење на кризата

Претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции од извршната и локалната власт, како и претседатели и членови на советите на општините, и претседатели и членови на комисии, формирани од извршната и локалната власт, кои се истовремено некаде вработени, нема да земат никаков надоместок додека трае кризата.

Одлуката ќе важи додека Владата не донесе одлука за престанок на истата.

Генералниот секретаријат во соработка со Министерството за финансии во рок од 2 дена ќе изготви и до Владата ќе достави Предлог – Уредба со законска сила за реализирање на мерката број 6.

_________________________________________________________________________________

Мерка 7 – Грижа за лицата во неформалната економија – Надомест од 7.000 денари по домаќинство за лица без работен ангажман или лица кои биле дел од неформална економија

За оние лица кои останале без работен ангажман или биле дел од неформалната економија овозможуваме брз влез во системот на социјална заштита за месец април и мај. Тие ќе добијат просечно по 7.000 денари по домаќинство.

Проценетиот опфат со новите мерки изнесува околу 20.000 нови домаќинства од неформална економија и 30.000 постоечки корисници.

Министерството за труд и социјална политика во соработка со Министерството за финансии во рок од 2 дена ќе изготви и до Владата ќе достави Предлог – Уредба со законска сила за реализирање на мерката број 7.

_________________________________________________________________________________

 

Мерка 8 – Се запира Законот за извршување до крајот на јуни

Се суспендира односно запира законот за извршување до крајот на јуни. Извршителите ќе бидат должни да запрат со превземање на било какви извршни дејствија.

Работодавците на должниците и носителите на платен промет се должни да запрат со постапување по издадени налози од страна на извршителите до крајот на јуни. Ова нема да важи само во случаи кога веќе парите се легнати на сметка на извршителите и тие ќе можат да ги префрлат парите на доверителите и во случаеви кога се работи за алиментација за дете кон самохрани родители.

_________________________________________________________________________________

Мерка 9 – Одложување на кредитите кај банките

НБРСМ ја промени Одлуката за методологијата за управување со кредитен ризик со цел донесување на посебни одредби заради ублажување на последиците од вирусот Ковид-19.

Со цел полесно спроведување на активностите донесени со Одлуката, а кои се однесуваат на преземање на активности од страна на банките за одложувањето на отплатите, репрограмирањето и договарањето помеѓу банките и нивните клиенти во услови на криза од вирусот Ковид-19,  Министерството за финансии и НБРМ во соработка со Македонската банкарска асоцијација подготвија Уредба за начинот на промена на договорни услови на кредитните изложености кај банките и штедилиниците во која се дефинира начинот на спроведување на промените, која беше усвоена од Владина седница одржана на 26.03.2020 и објавена во Службен весник на РСМ бр.80/ 2020 на 27.03.2020.

Со оваа уредба се овозможува банките на лесен и едноставен начин да ги одложат кредитите на своите клиенти без потпишување на анекси и без одење на шалтер и во физичките локации на банките.

Со уредбата е овозможено банката да објави на својата веб страна или да ги извести писмено клиентите физички лица за поповолната понуда која им ја овозможува, а доколку тие не одговорат во рок од 10 дена се смета дека понудата е прифатена. Кај правните лица доколку банката им испрати понуда и истите не одговорат во рок од 10 дена се смета дека понудата е одбиена. Банките на правните лица ќе им понудат поповолни услови како пролонгирање на отплатите, реппрограм, грејс период, поповлна каматна стапка и сл, додека кај физичките лица банките ќе ги одложат отплатите на ратите на 3 до 6 месеци. Секоја банка ќе ја донесе одлуката на своите надзорни одобри и ќе ги извести своите клиенти.

_________________________________________________________________________________

Мерка 10 – Намалување на ратата и репрограмирање на кредитите кај финансиските друштва и лизинг компаниите

Кредитите на физичките лица да се репрограмираат со намалување на ратите во следните три месеци за 70% од ратата и со продолжување на рокот за отплата за најмалку 90 дена од доспевање. Додека за кредитите кај правните лица ќе се одлучува индивидуално со предлагање на најсоодветни поволности  согласно потребите на компаниите.  Нови договори за кредити да се одобруваат со 3 месеци грејс период. Со намалување на законската затезна камата СВТ кој до сега изнесуваше 51%, сега се намалува на 31%, додека останатите трошоци кои друштвата  ги наплаќаат се ограничуваат на 20% од одобрениот кредит

Министерството за финансии ќе изготви и до Владата ќе достави Предлог – Уредба со законска сила за реализирање на мерката број 10.

_________________________________________________________________________________

Мерка 11 – Се ослободуваат од плаќање закуп корисниците на социјалните станови

Од плаќање закуп на социјалните станови ќе се ослободат сите корисници на тие станови, а исто така ќе се ослободат од плаќање закуп и граѓаните и фирмите кои имаат закуп на деловен простор од Претпријатието за станбен и деловен простор.

АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење на републиката во соработка со Секретаријатот за законодавство ќе изготви и до Владата ќе достави Предлог – Уредба со законска сила за реализирање на мерката број 11.

_________________________________________________________________________________

Мерка 12 – Дополнителни бескаматни кредити за фирмите од нови 8 милиони евра

Развојната банка на Северна Македонија, покрај 5,7 милиони ќе пушти и дополнителни 8 милиони бескаматни кредити зa микро, мали и средни претпријатија кои може да ги земе компанијата во зависност од бројот на вработени.

Максималниот износ на кредитот кој ќе биде одобрен на кредитокорисникот не може да биде повисок од 5.535.000 денари (90.000 еур), а минималниот износ на кредитот не може да биде понизок од 184.500 денари (3.000 еур). Компанијата може да добие кредит во висина од:

  • 500 ден. (236 еур) x број на вработени x 3 месеци.

Кредитите ќе се одобруваат со рок на отплата до 3 (години) години со вклучен грејс период од 12 (дванаесет) месеци со намена за обртни средства. Отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши во квартални отплати.

Кредитите се бескаматни и без трошоци за администрирање. Кредитите ќе бидат обезбедени со меница – авалирана од еден од сопствениците на кредитокорисникот, во форма на нотарски акт и со извршна клаузула.

Развојната банка ќе спреми предлог измена на Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од Компензационите фондови. Владата ќего задолжи Министерството за финансии да даде мислење на предлог Одлуката и ќе го извести Министерството за надворешни работи за донесенатата одлука со цел проследување на информација до Амбасадата на Јапонија. Министерството за надворешни работи да ја извести Амбасадата на Јапонија.

_________________________________________________________________________________

Мерка 13 – 50 милиони евра евтини кредити од Развојната банка, пласирани преку комерцијалните банки за заштита на ликвидноста на компаниите

Во рамки на тековниот договор за заем помеѓу Развојната Банка и Европскатa инвестициона банка, се овозможува користење на поволни кредити наменети за мали и средни претпријатија. Примарна цел на оваа кредитна линија е обезбедување на свеж капитал за поддршка на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност на стопанството и зголемен извоз. Развојна банка ја пласира оваа кредитна линија преку деловните банки до крајните корисници, односно до мали и средни претпријатија и компании со средна пазарна капитализација.

 

Во рамки на овој договор, Развојната Банка има можност за повлекување на неискористен дел од кредитната линија во износ од околу 50 милиони евра, со ниска каматна стапка, согласно доставени барања од страна на деловните банки. Со цел надминување на проблемите кои произлегуваат од новонастанатата состојба со појава на вирусот COVID-19 кој директно го погодува работењето на малите и средните претпријатија, државата презема мерка со која ќе ја субвенционира каматната стапка  на Развојната Банка кон ЕИБ,  како и административниот трошок од 0,5% кој Развојната банка ќе го пресметува кон деловните банки преку кои ќе се пласираат средствата од оваа кредитна линија. Со оваа мерка, Развојната Банка  ќе  понуди каматна стапка од 0% на деловните банки кои  пак за оваа линија ќе одат со пониски маргини и ќе може за кредитите да нудат каматни стапки од околу 1,5%.

Министерството за Финансии ќе подготови предлог Одлука за субвенционирање на каматата која произлегува од Финансискиот договор, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти.

Министерството за Финансии ќе ја спроведе одлуката и ќе потпише договор за субвенционирање на каматната стапка помеѓу Развојната банка и  Министерство за финансии.

_________________________________________________________________________________

Мерка 14 – Се забранува отварање на стечајна постапка

За време на кризата и 6 месеци по кризата се забранува отварање на стечајни постапки.

_________________________________________________________________________________

Мерка 15 – Задолжително користење на првиот дел од годишниот одмор (за 2020) година, односно задолжително доискористување на годишниот одмор од минатата година – во јавниот сектор

Да се изготви уредба со која на сите вработени во јавниот сектор, годшиниот одмор од 2019 ќе се смета дека е искористен.

Министерството за труд и социјална политика во соработка со Министерството за финансии во рок од 2 дена ќе изготви и до Владата ќе достави Предлог – Уредба со законска сила за реализирање на мерката број 15.

_________________________________________________________________________________

Мерка 16 – Формирање на солидарен COVID-19 фонд

Да се отвори посебна наменска сметка во Владата за примање на донации од правни и физички лица кои ќе имаат можност и волја да донираат средства, кои ќе се користат за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од корона вирусот.

Генералниот секретаријат во соработка  со Министерството за финансии во рок од 2 дена ќе изготви и до Владата ќе достави Предлог – Уредба со законска сила за реализирање на мерката број 16.

Мерка 17 – Намалување на авторски хонорари

Лицата кои по било кој основ се ангажирани преку авторски хонорари, кои се истовремено некаде вработени ќе им се исплаќа 50% помал хонорар од договорот кој го имаат потпишано. Оваа мерка нема да се применува доколку лицето е невработено и примањата од авторскиот договор му се единствени примања.

Министерството за финансии во соработка со Генералниот секретаријат во рок од 2 дена ќе изготви и до Владата ќе достави Предлог – Уредба со законска сила за реализирање на мерката број 17.

 

Check Also

Oдлука за кафетериите и угостителските објекти

Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за мерките за спречување на внесување и ширење …