Закон за трговски друштва за време на вонредна состојба

Почитувани,

Во “Службен весник на РСМ” бр.87 од 02 април 2020 година донесена е измена на Уредбата за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредната состојба.

Со измените на претходната Уредба за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредната состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ 79/20), се дозволува одржување на Собрание на акционери, Собир на содружници, како и се определуваат начините на исплати на дивиденди од трговските друштва во кои има државен капитал и начин на исплата на дивидендите на останатите акционери, односно сосодружници со државата.

Со укинувањето на забраната за одржување на Собранијата на акционерите и Собирите на содружниците, истите можат да се закажуваат и одржуваат, согласно одредбите од Законот за трговски друштва.

Во прилог:

Уредба за примена на Закон за трговските друштва за време на вонредна состојба

Член 1

Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/04, 84/05, 25/07, 87/08, 42/10, 48/10, 24/11, 166/12, 70/13, 119/13, 120/13, 187/13, 38/14, 41/14, 138/14, 88/15, 192/15, 6/16, 30/16, 61/16 и 64/18 и 120/18), ќе се применува за време на траењето на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

За начинот на распоредување на добивката остварена од финансиското работење во претходната деловна година од страна на трговските друштва кои се во целосна сопственост на државата, за пресметување законска затезна камата од членот 487 став (6) од Законот за трговските друштва, за време на траењето на вонредната состојба ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

За утврдување на крајниот рок за исплата на дивидендата која што им се доделува на странски содружници, односно на странски акционери според правата што ги дава уделот, односно според родот и класата на акции, кај сите трговски друштва, за време на траењето на вонредната состојба ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Член 2

Добивката остварена од финансиското работење на трговските друштва од членот 1 став 2 од оваа уредба со законска сила, се уплаќа во Буџетот на Република Северна Македонија.

Владата на Републука Северна Македонија донесува одлука за распоредување на добивката од ставот 1 на овој член, врз основа на утврдена листа на трговски друштва во целосна или доминантна сопственост на државата, со потешкотии во работењето.

Член 2-а

По одобрувањето на годишната сметка и на финансиските извештаи и утврдувањето на постоењето добивка за распределба, собирот на содружниците, односно собранието го определуваат делот којшто им се доделува на странските содружници, односно на странските акционери во форма на дивиденда, според правата што ги дава уделот, односно според родот и класата на акциите.

Органот на управување не може да исплати дивиденда на странски содружници, односно за странски акционери, за време на траењето на вонредната состојба.

Одредбата за пресметување законска затезна камата од членот 487 став (6) од Законот за трговските друштва не се применува за време на траењето на вонредната состојба.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Check Also

Oдлука за кафетериите и угостителските објекти

Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за мерките за спречување на внесување и ширење …