Во Службен весник на РСМ бр. 154/2020 година се објави измена на Програмата за развој на туризмот за 2020 година, сo кои измени се овозможува реализација на активности за развој на туризмот во РСМ за 2020 година.
Средствата за реализација на оваа програма се утврдени во Буџетот на РСМ за 2020 година („Службен весник на РСМ“ бр. 265/2019), Раздел 10001 – Министерство за економија, Програма 14 – Развој на туризмот во РСМ на категориите 42 – стоки и услуги, и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Буџетот на РСМ за 2020 година за време на вонредна состојба („Службен весник на РСМ“ бр. 126/20)-раздел 10001 – Министерство за економија, Програма – Мерки за справување со COVID 19 кризата – Подпрограма П1 – Мерки за справување со COVID 19 кризата, категорија 46 – субвенции и трансфери и ставка 464 – разни трансфери во износ од 15.500.000 денари.
Субвенции за кофинансирање на настани, обуки, семинари и конференции
Министерството за економија со цел поддршка на домашните хотели и надминување на ефектите од Корона кризата, а со цел ревитализацијата и опоравување на економијата во РСМ, кофинансира трошоци за организирање на настани, обуки, семинари и конференции до 50%, а до максимален износ од 30.000,00 денари.
Настаните, обуките, семинарите и конференциите треба да бидат организирани во категоризирани угостителски објекти во РСМ.
Министерството за економија ќе објави Јавен повик за доделување на субвенции за кофинансирање на трошоците за организирање на настани, обуки, семинари, и конференции на кој право на учество имаат сите заинтересирани правни лица, фондации и здружениjа на граѓани (во натамошниот текст: субјекти) и ги исполнуваат условите што ќе се предвидат во јавниот повик.
Јавниот повик ќе се објави во два дневни весници и веб страната на Министерството за економија www.economy.gov.mk и www.konkurentnost.mk.
Еден субјект може да поднесе најмногу до три барања за кофинансирање на трошоците за организација на настани, обуки семинари и конференции.
Образецот на барањето за доделување на субвенции за кофинансирање на трошоците за организирање на настан, обуки, семинари и конференции ќе може да се подигне во Архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет страната на Министерството за економија: www.economy.gov.mk.
Субвенциите за користење на средства за кофинансирање на трошоци за организирање на настани обуки, семинари и конференции се издаваат по принципот „прв дојден прв услужен“.
Субјектите до Министерството за економија доставуваат барање за доделување на субвенции, кон кое во прилог доставуваат резервација на сала за организирање на настани, обуки, семинарии и конференции и Договор за закуп на угостителскиот објект за организирање на настан, обуки, семинар и конференција со угостителскиот објект со прилог фактура и краток опис за настанот.
Оваа активност ќе се реализира во периодот од јуни до декември 2020 година со вкупен износ од 15.000.000,00 денари.
Со измената на програмата oстанатите активности се бришат, односно за нив нема да се обезбедат парични средства освен за активноста – Oдбележување на Светскиот ден на туризмот со доделување на признанија за најуспешните од областа на туризмот за која се предвидени 500.000,00 денари.
Динамиката за реализација на настаните е како што следи:
Активност Временски период Начин на реализација
Точка 1 Јуни-Декември Со објавување на Јавен повик
Точка 2 Септември Со објавување на Јавен повик
Измените во Програмата стапија во сила на 11 јуни 2020 година.
