НЕДЕЛА ДЕН НА НЕДЕЛЕН ОДМОР
Согласно измената Законот за работни односи објавен во (Службен весник на РСМ 288/2021 година, од 1 јануари 2022 година, се прогласува Недела како ден на неделен одмор.
Согласно измените на член 134 од Законот, по исклучок, во недела може да работат работниците кај работодавачите кај кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко – технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата при што, ден на неделен одмор може да биде друг ден во седмицата и тоа во дејностите:
- Одгледување на животни,
- Мешовито фармерство,
- Вадење на јаглен и лигнит,
- Вадење на руди на метал,
- Печатење и издавање на весници,
- Производство на леб, слатки во свежа состојба и бисквити,
- Производство на пиво, само во процесите поврзани со варење, квасна припрема и следење, ферментација, филтрација и енергетска поддршка на овие процеси,
- Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати,
- Производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси,
- Производство на индустриски гас,
- Производство на метали,
- Аптеки,
- Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација,
- Снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината,
- Копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт,
- Складирање и помошни дејности во превозот,
- Објекти за сместување,
- Дејности за подготовка на оброци и служење на храна,
- Филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма,
- Емитување на програма,
- Телекомуникации,
- Информативни услужни дејности (хостирање, обработка на податоци, интернет портали и слично),
- Прикажување на филмови,
- Фотографски дејности,
- Ветеринарни дејности,
- Изнајмување и давање под закуп (лизинг) на моторни возила,
- Дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи,
- Дејности на повикувачки центри,
- Општи дејности на јавната управа, само за итни и неодложни работи поврзани со одржување на седници, инспекциски надзори, чување на шуми, а кои работи се од витално значење за државниот и јавниот интерес,
- Работи на одбраната,
- Судски и правосудни дејности,
- Работи на јавниот ред и безбедноста,
- Дејности на пожарникарската служба,
- Дејности за здравствена заштита,
- Дејности на социјалната заштита со сместување,
- Креативни, уметнички и забавни дејности,
- Дејности на музеите,
- Дејности на зоолошки градини и природни резервати,
- Спортски, забавни и рекреативни дејности,
- Погребни и слични дејности,
- Царинска служба на гранични премини,
- Дејности кои имаат карактер на помошни или придружни дејности со цел непречено функционирање на дејностите претходно споменати, врз основа на склучен договор со работодавачот од тие дејности (овие дејности ќе ги утврди министерот надлежен за работи од областа на труд) и
- Работни места од други дејности кои не се претходно опфатени, а имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот (овие дејности ќе ги утврди министерот надлежен за работи од областа на труд).
НАПОМЕНА: Работниците кај работодавачите од трговија на мало и трговија на големо, денот на неделен одмор, го користат во согласност со Законот за трговија.
Во случај на природна и друга несреќа или хаварија и спречување на последиците од нив или кога таква несреќа непосредно се очекува, на барање на работодавачот, работникот е должен да работи во недела заради заштита на животот и здравјето на луѓето и спречување на непоправлива материјална штета.
Додаток на плата за работа во недела
Работникот од претходно споменатите дејности, покрај правото на додаток на плата за работа во недела, има право и на користење на неделен одмор во наредните седум дена.
Додатокот на плата за работа во недела изнесува најмалку 50% за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот.
Работодавачот е должен пред започнувањето на работата, да го извести Државниот инспекторат за труд.
Казни за недозволена работа во недела
Согласно измената на членот 259-б од Законот, ако инспекторот на трудот при инспекцискиот надзор констатира дека кај работодавачот работи работник во недела, спротивно на членот 134 од овој закон, со решение ќе му забрани на работодавачот вршење на работа во работната просторија или работниот простор каде е утврдена неправилноста, во траење од 15 дена, ќе му издаде прекршочен платен налог.
Ако работодавачот не го прифати прекршочниот платен налог или не го плати, надлежниот инспектор ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка, согласно со Законот за прекршоците.
Ако работодавачот го повтори прекршокот, инспекторот со решение ќе му забрани вршење на работа во работната просторија или работниот простор каде е утврдена неправилноста, во траење од 30 дена и ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка согласно со Законот за прекршоците.
За време на забраната за работа, работодавачот е должен на работниците да им исплатува надоместок на плата во висина од исплатената плата на работникот во претходниот месец и придонеси од плата и за време на забраната не смее да го намали бројот на вработените.
Против решенијата, може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до органот надлежен за одлучување во втор степен, согласно со закон.
Жалбата не го одлага извршувањето на решението.
Подзаконските акти предвидени со овој закон, ќе се донесат во рок од 60 дена (28.02.2022) од денот на влегувањето во сила на Законот.
