Владата на Република Северна Македонија, на својата 87-ма седница од 06.10.2022 година, донесе Одлука за дополнување на Oдлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, oбјавена во (“Службен весник на РСМ” 217/2022) која стапува во сила на 07.10.2022 година.

Со оваа одлука, на предлог на Министерството за економија, се замрзнува маржата и за млечните производи:

• Урда,

• Крајво бело сирење и мешано бело сирење,

• Кашкавал,

• Кисело млеко и

• Павлака и јогурт,

за коишто се ограничува највисока трговска маржа до 10% во трговијата на големо и трговијата на мало.

Како што е познато, од 14 јуни 2022 година, утврдено е замрзнување на маржите на основните прехранбени производи: леб (бел), шеќер (бел), сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло), брашно од пченица (тип 400 и тип 500), макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз и трајно кравјо млеко со масленост од 2.8 проценти, 3.2 процента и 3.5 проценти, со трговска маржа со важност до 31 декември 2022 година.

На истата Владина донесена е Одлука за престанување на важење на Одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки.

Одлуката за ограничување на извозот се однесуваше на:

• Пченица и наполица,

• Брашно од пченица и наполица и

• Семе од сончоглед (кршено или дробено).