Пријава за учество во овој Проект може да достави правен субјект (микро,  мало и средно  претпријатие) кој:

–        е регистриран најмалку 6 месеци

–        има изготвено годишна сметка за претходната година, 

–        има најмалку 1 вработено лице на денот на аплицирањето и

–        не го намалил бројот на вработените лица во последните 3 месеци пред денот на аплицирањето.

Пријава за учество во овој Проект може да достават и невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија како активни баратели на работа,  кои не биле во работен однос кај истиот работодавач кој аплицира за учество во проектот најмалку 1 година пред денот на аплицирањето. 

Правните субјекти може да добијат кредит во износ од 5.000 евра за секое новоотворено работно место, без ограничување на бројот на лица кои може да ги вработи.

Правниот субјект кој ќе вработи невработено лице со полно работно време, има обврска да го задржи на работа најмалку 3 (три) години од денот на засновање на работниот однос. Доколку дојде до прекин на работниот однос, работодавачот е должен на негово место да вработи друго невработено лице со полно работно време кое ги исполнува условите од Проектот, во спротивно треба предвремено да го врати кредитот во целост.

Условите под кои може да се добијат кредитните средства се следните:

·    Рок на враќање на средствата е 4 години со вклучен грејс период од 1 година,

·    Каматна стапка од 1% на годишно ниво,

·    Гаранција за поврат на средствата со хипотека во однос 1:1 со одобрениот кредит или сопствена меница авалирана од најмалку еден авалист за која правата и обврските по однос на истата се уредени со менична изјава дадена во форма на нотарски акт и со извршна клаузула или рачен залог во однос 1:2 во износ на одобрениот кредит.

Правниот субјект при пријавувањето должен е да:

      –   на денот на пријавувањето не е во стечајна постапка или ликвидација,

      –   ги има измирено сите даноци и придонеси,

      –   има остварено добивка во претходната година.

Доколку правните субјекти, по извршеното поврзување со невработените лица кои имаат доставено пријава по објавениот јавен оглас, не успеат да ја задоволат својата потреба од работник со соодветен профил, Центарот за вработување ќе пристапи кон посредување со пребарување заради наоѓање на невработени лица од евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.

Пријавата за кредит може да се поднесе во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, секој работен ден од 09:00 до 14:00 часот, каде може да се добијат и подетални информации за проектот.

Правните субјекти можат да аплицираат и електронски преку системот е-Работа (https://e-rabota.av.gov.mk)

За да аплицираат електронски, правните субјекти претходно до надлежниот центар за вработување треба да достават уредно пополнет и заверен образец – Овластување за пристап до е-Работа за учество во активни мерки за лицата кои во име на правниот субјект се овластени за пристап до активни мерки преку системот е-Работа.

Образецот за овластување може да се најде на следниот линк: https://e-rabota.av.gov.mk/Upatstvo.aspx

Воедно, заинтересираните правни субјекти и невработени лица можат да се информираат и на веб-страната av.gov.mk, како и на телефонскиот број 02/3111-850.