Согласно соопштението од Управата за јавни приходи, Граѓаните можат да извршат увид во Годишните даночни пријави за 2024 година што Управата за јавни приходи ВЕЌЕ ги постави на корисничките профили во „е-Персонален данок“, за вкупниот доход кој го оствариле во текот 2024 година.

Секој кој е регистриран на системот „е- Персонален данок“ има можност на својот кориснички профил да ја прегледа Годишната даночна пријава за 2024 година и да ја потврди доколку се согласува со податоците содржани во неа, или пак да ја коригира доколку смета дека податоците не се точни.

Рокот за потврда или корекција на даночната пријава е 31 мај 2025 година.

По истекот на законскиот рок потврдените пријави и пријавите кои ниту биле потврдени, ниту коригирани ќе се сметаат за конечни и ќе добијат таков статус, додека по коригираните даночни пријави ќе се одлучува во рок од 60 дена.

Доколку службеното лице не ја одобри коригираната даночна пријава ќе се донесе решение за утврдување на данокот на личен доход за 2024 година.

Кај обврзниците во чија ГДП се појавува обврска за доплата на данок, по добивањето на конечниот статус на ГДП (по 31 мај 2025), ќе се изгенерира налог за доплата, кој се наоѓа во самата даночна пријава, а кај обврзниците во чија ГДП се појавува повеќе платен данок, може да искажат барање за враќање на данокот во самата пријава.