Согласно Упатството за хартиена форма на платните налози, согласноста за директно задолжување и овластување за пренесување на платежната сметка , листата на шифри за целта на плаќањето и содржината на информативниот леток за платежната сметка со основни функции, (“Службен весник на РСМ” 105/2025, 253/2026), oд 9 ноември 2026 година во Македонија стапуваат на сила големи регулаторни промени во националниот платен промет.
Овие измени произлегуваат од усогласувањето со Законот за платежни услуги и платни системи (“Службен весник на РСМ” 37/25, 144/25, 267/25),и имплементацијата на меѓународниот стандард ISO 20022 за национални трансакции.
Целта на овие промени е модернизација, повисока безбедност и поефикасна автоматска обработка на податоците во банкарскиот сектор.
Три клучни измени кои директно влијаат врз граѓаните и фирмите се следните:
1. Воведување на IBAN-формат за домашни плаќања
Броевите на вашите постојни банкарски сметки остануваат исти и парите се безбедни на нив, што значи дека нема потреба да отворате нова сметка. Сепак, начинот на запишување се менува:
- Пред досегашниот број на сметката задолжително се додава ознаката МК07.
- Овој формат досега се користеше само за трансакции со странство, а сега станува стандард и за домашниот платен промет.
2. Замена на старите платежни налози (ПП обрасци)
Досегашните хартиени и електронски обрасци целосно се укинуваат и се заменуваат со нови, описно стандардизирани налози:
- ПП10 (уплата во готово) станува ВГ (Внесување готовина)
- ПП30 (безготовински пренос) станува КТД (Кредитен трансфер во денари)
- ПП40 (исплата во готово) станува ПГ (Повлекување готовина)
- ПП50 (плаќање кон буџет) станува КТБ (Кредитен трансфер кон буџетски корисници)
- ПП53 (збирен налог) станува ЗКТ (Збирен кредитен трансфер)
- Се воведува и КТС за денарски плаќања каде една од страните е нерезидент (странство).
Напомена за шалтерско работење: Доколку хартиениот налог нема отпечатено лого, трговска марка и седиште на банката, истиот нема да биде примен за обработка.
3. Нови четиризнаковни шифри за цел на плаќање
Досегашните нумерички шифри (на пример: 210, 250 итн.) за комплетно означување на целта на дознаката се укинуваат. На нивно место се воведуваат нови четиризнаковни алфанумерички ознаки (комбинација од букви и бројки) кои попрецизно го дефинираат видот на плаќањето согласно ISO 20022 стандардот.
НАПОМЕНА: Граѓани: Доколку користите електронско или мобилно банкарство, банките автоматски ќе ги направат техничките корекции на своите апликации. Немате потреба да одите во банка.
НАПОМЕНА: Компании: Правните лица кои користат сметководствени софтвери, ERP системи или автоматизирана размена на налози мораат итно да ги ажурираат своите програми во соработка со нивните ИТ-провајдери и банките за да можат да ги генерираат новите налози и шифри.
Платни налози кои ќе се применуваат од Ноември 2026 година.pdf
