Со измени на Законот за враќање на дел данокот на додадена вредност на физичките лица (“Службен весник на РСМ” 133/2019), се овозможува враќање на ДДВ од прометот остварен во деновите 10, 11 и 12 октомври во полн износ.
Со измените на одредбите од членот 3, правото на враќање на дел од данокот на додадена вредност може да се врши наместо во висина од 15% од вкупно искажаниот данок, 100% од искажаниот ДДВ за фискалните сметки издадени согласно законот за регистрирање на готовинските плаќања за купените добра или услуги, но само за ДДВ од промет од деновите од продолжениот викенд.
Највисокиот износ за кој граѓаните би имале право на враќање на целиот износ на данок изнесува 30.000,00 денари вкупен промет регистриран во сите фискални сметки кои се издадени на 10, 11 и 12 октомври 2020 година.
Износот на ДДВ од продолжениот викенд не ја намалува и не влијае на износот од 15% кој граѓаните го имаат како право на враќање на дел од данокот на додадена вредност.
Доколку физичкото лице надмине 30.000,00 денари збирен промет од сите фискални сметки издадени на 10, 11 и 12 октомври за делот кој надминува 30.000,00 денари збирен промет, физичкото лице ќе има право на враќање на дел од данокот на додадена вредност согласно членот 3 од законот, односно 15%.
Предлог законот предвидува:
-остварување право на физичките лица да остварат целосен поврат на ДДВ за вкупниот промет реализиран преку фискалните сметки кои се издадени на 10, 11 и 12 октомври.
– фискалните сметки кои ќе бидат цел на целосен поврат на ДДВ ќе може да се скенираат преку апликативниот софтвер на УЈП, најдоцна 3 дена од рокот на издавање;
– Враќањето на целосниот иснос на данок, ќе се врши најдоцна 15 дена од денот на издавање на фискалната сметка;
Враќањето на ДДВ-то се однесува за следните производи/услуги:
1.купени македонски добра (производи) или користени услуги,
2.машини за автоматска обработка на податоци и нивни единици (компјутери) и софтвер за машини за автоматска обработка на податоци и нивни единици (компјутери) од член 30 став 1 точка 10 и став 2 точка 2 од Законот за ДДВ.
Прометот на добрата и услугите во фискалната сметка, издадена во периодот од деновите 10, 11 и 12 октомври, се евидентираат како промет од македонски производи.