Управата за јавни приходи издава потврда за платен данок во Република Северна Македонија за пресметан, задржан и платен данок на личен доход (данок по одбивка) на доходот на физичкото лице – нерезидент остварен во Република Северна Македонија, согласно член 83 став 2 од Законот за данокот на личен доход.

ПОДНЕСУВАЊЕ НА БАРАЊЕ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА ПОТВРДА ЗА ПЛАТЕН ДАНОК ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НА ФИЗИЧКО ЛИЦЕ – НЕРЕЗИДЕНТ

Потврда за платен данок во Република Северна Македонија на физичко лице – нерезидент се издава по претходно поднесено Барање (образец Б-ППД/ФЛ).
Барањето (образец Б-ППД/ФЛ) се поднесува во два идентично пополнети примероци во надлежната организациона единица на УЈП која го администрира нерезидентот (физичко лице).

Барањето (образец Б-ППД/ФЛ) може да го поднесе лично странката, законскиот застапник или полномошник на странката.

  • Доколку Барањето (образецБ-ППД/ФЛ) се поднесува преку законски застапник или полномошник на нерезидентот, во прилог на барањето задолжително се доставува копија од доказ за законски застапник или овластување (полномошно) во име и за сметка на нерезидентот да се преземаат дејствија во даночната постапка.
  • Доколку Барањето (образец Б-ППД/ФЛ) го поднесува исплатувачот на доход во РСМ, во прилог на барањето потребно е да се приложи овластување (полномошно) или известување во кое ќе биде препознаена согласноста и волјата на нерезидентот – исплатувачот на доход во име и за сметка на нерезидентот да преземе дејствија во оваа даночната постапка и да ги употребува личните податоци на физичкото лице – нерезидент во постапката на прибавување на потврдата. Во известувањето треба да бидат наведени сите потребни податоци поврзани со барањето (изјава за согласност, вид и износ на доход, период, држава на резидентност и др.).

Во Барањето (образецБ-ППД/ФЛ) задолжително се пополнуваат бараните податоци за нерезидентот (примател на доходот), податоци за исплатувачот на доход и податоци за основ, доход и платен данок за кои се издава потврдата.

Административни такси

За цели на издавање на потврда за платен данок во Република Северна Македонија на нерезидент се наплаќаат административни такси во износ од вкупно 50 денари (за барањето), согласно Законот за административните такси.
Плаќањето на административни такси може да се врши преку:

  • Налог ПП 50 (задолжително во прилог на барањето се доставува копија од налогот); или
  • Мобилен телефон со праќање на СМС порака (систем eNAPSYS) на бројот 144 166 со текст „TM Ime Prezime Iznos”. По праќањето на пораката, праќачот повратно добива Трансакциски код, кој се состои од 10 бројки (задолжително во барањето се внесува трансакцискиот код во соодветното поле).

Прилози

Во прилог на Барањето (образец Б-ППД/ФЛ) задолжително се доставува:

  • Валиден документ за доказ на идентитет на физичкото лице – нерезидент;
  • Докази за извршеното плаќање на задржаниот данок во Република Северна Македонија, за извршување на дознака во странство и Фактура/и или Договор за извршени услуги од лицето – нерезидент. Напомена: Доказот за извршено плаќање на данокот по одбивка (данок на личен доход) не е потребно да се обезбедени како прилог кон барањето (образец Б-ППД/ФЛ) за уплата на данокот по електронска пресметка преку системот „е-ППД“;
  • Доказ за извршено плаќање на административна такса, доколку плаќањето е вршено со налог “ПП50“
  • Доказ за законски застапник или Овластување (полномошно) во име и за сметка на даночниот обврзник да се преземаат дејствија во даночната постапка.

Доколку во прилог на Барањето (образец Б-ППД/ФЛ) се доставува документ/доказ кој не е експлицитно наведен во барањето, во полето „Друго“ задолжително се впишуваат податоци за документот (назив, број, датум и надлежниот орган кој го издал).

Отстранување на формални недостатоци на барањето

Доколку во Барањето (образец Б-ППД/ФЛ) не се наведени податоците за идентификација на нерезидентот (примател на доход), податоците за исплатувачот на доход, податоците за основ, доход и платен данок за кои се издава потврдата, доколку нема приложено доказ за извршена уплата на административни такси или нема наведено трансакциски код за плаќање со СМС порака, доказ за идентитетот на физичко лице – нерезидент, доказ за законски застапник или овластување (полномошно) во име и за сметка на нерезидентот да се преземаат дејствија во даночната постапка, доказ за извршено плаќање на задржаниот данок во РСМ, доказ за извршување на дознака во странство, фактура/и или договор за извршени услуги од нерезидентот или други докази (во случаите кога тоа е потребно) или доколку барањето не е потпишано, се смета дека барањето има формални недостатоци.
УЈП доставува Известување за формални недостатоци на поднесок, со кое ќе се побара во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на доставување на известувањето, подносителот да ги отстрани формалните недостатоци.

Отстранувањето на формалните недостатоци, подносителот го врши со поднесување на „Исправка“ на Барањето (образец Б-ППД/ФЛ). При поднесување на новото барање се означува полето „Исправка“ и се пополнува бројот на прием на барањето за кое се врши исправка. Исправката не се врши преку искажување на разликите во податоците, туку преку искажување на целосни и точни податоци.
Напомена: За „Исправка“ на Барањето (образец Б-ППД/ФЛ) не треба да се врши уплата на административни такси.
Доколку подносителот не ги отстрани формалните недостатоци во определениот рок од Известување за формални недостатоци на поднесок, УЈП донесува Решение за отфрлање на поднесок.

Доколку Барањето (образец Б-ППД/ФЛ) е поднесено за лице кое не е или не било регистрирано во Единствениот регистар на даночни обврзници на УЈП, односно не поседува или не му бил доделен Даночен идентификационен број во РСМ (ЕДБ или ЕМБГ) во периодот наведен во барањето, ќе се смета дека таквото лице не е регистрирано и нема статус на даночен обврзник во УЈП, поради што се издава Потврда за статус на регистрација на даночен обврзник, со која ќе се потврди ваквата фактичка состојба.

ИЗДАВАЊЕ НА ПОТВРДА ЗА ПЛАТЕН ДАНОК ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НА ФИЗИЧКО ЛИЦЕ – НЕРЕЗИДЕНТ

УЈП издава потврда за платен данок во Република Северна Македонија на нерезидент најдоцна во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на поднесување на Барањето (образец Б-ППД/ФЛ) во писмена форма.

Доколку обврзникот не се согласува со податоците наведени во потврдата, потребно е да се обрати Управата за јавни приходи во рок од 3 (три) дена од добивањето на истата, со приложување на докази.
Доколку обврзникот нема забелешки и не реагира на точноста на податоците во наведениот рок во издадената потврда, се смета дека се согласува со истите.
Доколку даночниот обврзник врз основа на доказите со кои располага смета дека потврдата не содржи податоци за фактичката состојба на платен данок во Република Северна Македонија, може да бара од УЈП измена на потврдата или да му се издаде нова потврда. Во ваков случај, УЈП врши измена на потврдата или издава нова потврда.
За извршената измена или издавање на нова потврда, не треба да се врши уплата на административна такса.