Од 14.06.2022 година, со Одлуката за определување на највисока трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало, се определува највисока маржа на дел од најфреквентните прехранбени производи.

Започнувајќи од 14.06.2022, заклучно со 30 септември 2022 година за леб бел- сечен на парчиња или цел, шеќер бел како и сончогледово масло за јадење  (без ладно цедено масло) се утврдува трговска маржа во висина до 5% во трговијата на големо  и  до 5%  во трговијата на мало. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500,- макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% и  јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец  се утврдува трговска маржа во висина до 10% во трговијата на големо  и  до 10%  во трговијата на мало.

Согласно Одлуката за овие производи нема да се пресметуваат оперативни трошоци и не се одобрува рабат и надоместоци кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо и тоа за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови односно полици (примарни и секундарни позиции).

Се предвидува со Одлуката да се ограничи растот на цените во наредниот период преку утврдување на висината на трговската маржа која треба да  влијание на растот на цените на мало на основните прехранбени производи. На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и трговијата мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и  берзанските цени, како и растот на производствените трошоци.
Рабатот и надоместоците се забранети за одобрување до 31 декември 2022 година.