Врз основа на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година, усвоен од Владата на Република Северна Македонија, за мерката 8. Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции, финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, на ден 13.06.2023 година, се објавува
ЈАВЕН ПОВИК
за претпријатија од приватниот сектор кои се подготвени да го поттикнат својот деловен развој преку создавање на нови работни места преку зелени инвестиции
Мерката за поддршка се однесува на микро, мали и средни претпријатија[1] од приватниот сектор кои се заинтересирани за отворање на нови работни места и зелени инвестиции односно воведување на зелени производи, услуги, технологии или процеси преку користење на неповратни финансиски средства – грантови.
Финансиската поддршка за нови вработувања изнесува од минимум 220.000 денари до максимум 660.000 денари во зависност од бројот на одобрени вработувања:
– Минимум 1 вработување за минималниот износ на грант од 220.000 денари;
– Минимум 2 вработувања за износ на грант од 440.000 денари;
– Минимум 3 вработувања за максималниот износ на грант од 660.000 денари.
Поддршката се доделува во вид на грант – неповратни средства наменети за финансирање на нови деловни инвестиции насочени кон транзиција кон зелена економија при што ќе бидат поддржани следните видови на вложувања: набавка на нова опрема (машини, алати, опрема за обновливи извори на енергија, специјализиран софтвер, лиценци за користење на софтверот, и слични основни средства), и опрема и материјали за енергетска ефикасност. Набавката на материјали ќе биде поддржана исклучиво доколку материјалите се наменети за енергетска ефикасност. Со поддршката може да биде поддржана набавка исклучиво на нова опрема и/или материјали. Зелената инвестиција може да биде реализирана исклучиво во рамки на претпријатието на кое му е одобрена неповратна финансиска поддршка.
Право на учество во програмата имаат претпријатијата од приватниот сектор кои ги исполнуваат следните критериуми:
– Микро, мали и средни претпријатија од приватниот сектор кои се подготвени да го поттикнат својот деловен развој преку создавање на нови работни места и зелени инвестиции.
– Приоритет ќе имаат претпријатијата со примарна дејност[2] во следните сектори:
· Преработувачка индустрија
· Земјоделство, шумарство и водостопанство
· Снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината
· Градежништво
– Работодавачот да има најмалку едно вработено лице на неопределено време.
– Вкупниот број на работници на неопределено време на денот на аплицирање и пред реализација на поддршката, не треба да биде понизок од просечниот број вработени лица на неопределено време во претходната календарска година, освен ако причините за намалување на бројот на вработени лица на неопределено време се поради прекин на работниот однос (поради отказ од работникот), остварување на право на пензија, смрт или неспособност за работа.
– Бројот на ново вработени лица не може да биде поголем од 50% од просечниот број на вработени лица на неопределено време во претходната календарска година. Кај работодавач што има едно вработено лице и кај правните субјекти регистрирани по 01.07.2022 година, максималниот број на поддржани вработувања изнесува едно лице. Лицата на кои работниот однос (на определено или неопределено време) им престанал една година пред вработување во активна мерка, нема да бидат подржани со повторни вработувања кај истиот работодавач.
– Ги има подмирено сите обврски по основ на исплатени плати и придонеси од задолжително социјално осигурување.
– Да нема финансиска загуба во претходната година[3];
– Предност ќе имаат работодавачи кои досега немаат добиено финансиска подршка во рамките на оваа мерка. Работодавачот не може да користи два пати финансиска поддршка за вработување на исто лице без разлика на која мерка се однесува.
Условите, правата и обврските помеѓу АВРСМ, УНДП и претпријатијата на кои им е одобрена неповратна финансиска поддршка ќе бидат уредени со склучување на меѓусебни договори.
Заинтересираните работодавачи можат да аплицираат до 26.06.2023 годинасо поднесување Пријава во Центрите за вработување, секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот. По успешна Пријава во Центрите за вработување, потребно е работодавачот да пополни и формулар за апликација на следниот линк: https://forms.gle/q1U97jdVkU9dtb9C8
Деталните информации за мерката се дадени во документот “Правила на јавниот повик и упатство за аплицирање” кој е достапен на горенаведениот линк.
Дополнителни информации за мерката може да се побараат на е-маил адреса: rabotazasite.mk@undp.org
——————————————————————————————————————-
[1] Со исклучок на група 25.4 – Производство на оружје и муниција, Дејности поврзани со производство и трговија на големо со тутун и тутунски производи и Дејности на коцкање и обложување
[2] Согласно Национална класификација на дејности https://www.stat.gov.mk/KlasifikaciiNomenklaturi
[3] Овој критериум не се применува за правните субјекти кои се регистрирани по 01.07.2022 година
АГЕНЦИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА
РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА