Согласно последната објава на Законот за измени и дополнување на Законот за трговија (Службен весник на Република Северна Македонија бр 295/21), продавниците на бензиски станици во чии рамки се врши трговијата на мало претежно со храна, пијалоци и тутун и продавници, киосци и штандови во трговските центри кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 м2, за да можат да работат во недела, како и на државни празници и други празници, најпрво треба до 5 јануари во тековната година да го пријават работното време на Централниот регистер на Република Северна Македонија (ЦРРСМ). Потврдата од пријавеното работно време издадена од ЦРРСМ за евиденција се доставува до Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд.

Втората постапка пред да се започне со работа во недела, како и на државни празници и други празници е уплата до 15 јануари во тековната година, на надоместок во висина од 2% од вкупниот приход остварен во претходната година. Средствата од уплатата ќе се инвестираат во детски градинки согласно закон.

Со оглед дека примената на оваа одредба е од 1 јануари 2022 година, што значи надоместокот во висина од 2% ќе се смета вкупниот приход остварен во ден недела, како и на државни празници и други празници во 2022 година. Уплатата ќе се изврши на образец (ПП50), до 15 јануари 2023 година.