Согласно последните измени и дополнувања на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредни мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена, објавени во  (Службен весник на  РСМ 92/2022)  кои стапија во сила од 13 Април/2022 година, беа донесени олабавувања на следните превентивни мерки за КОВИД-19).

  • Се укинува носењето маски во затворен простор, но сепак се препорачува носење лична заштита на лицето во затворен простор за лицата над 65 годишна возраст, хронични болни и лица кои се имунокомпромитирани,
  • Секое домашно или странско физичко лице задолжително треба да носи лична заштита на лицето во затворени објекти во здравствените установи, аптеки, јавен превоз (автобуски, железнички, авиои такси превоз) и во установите за згрижување на стари лица или лица со попреченост,
  • Се укинува обврската за задолжителното носење на маски за време на физичката настава во средните училишта,
  • Се укинува мерката строга изолација (карантин) во домашни услови или во здравствена установа за лица кои биле или се сомнева дека биле во непосреден контакт со лице заболено или инфицирано со заразната болест COVID-19,
  • Самоизолацијата не се спроведува на членовите на потесното семејство од семејната заедница кои живеат заедно со заболени лица од заразната болест COVID-19, ниту на лица кои подолго време биле во близина, односно во контакт со лице заболено од заразната болест COVID-19 (заедно работат или престојуваат по било кој основ), а се препорачува овие лица да носат заштитна маска (трослојна хируршка маска или КN95) во затворен простор во период од 7 (седум)  дена од последниот ден на контакт со потврдениот случај,
  • Се дозволува организирање и изведување на екскурзии и излети за учениците во основните и средните училишта,
  • Се укинува мерката со која се прекина специјализацијата на сите државни специјализанти и супспецијализанти вработени во ЈЗУ Здравствен дом на Скопје и со која истите требаше да се вратат на своите работни места во матичната установа.