Во “Службен весник на РС Македонија” 60/2022 година, се објави дополнување на Правилникот за техничките и функционалните карактеристики на интегрираниот автоматски систем за управување, образецот на фискалната сметка, образец на фискално лого, документот касова сметка за сторна трансакција, формата и содржината на книгата за дневни финансиски извештаи, начинот за одобрување и продолжување на дозволата на производството и продажбата на соодветен модел на фискална апаратура, односно интегриран автоматски систем на управување, начинот на одземање на дозволата за одобрување на производството и продажбата на соодветен модел на фискална апаратура, односно интегриран автоматски систем на управување, функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираниот автоматски систем за управување, постапката и документацијата за нивно одобрување за производство и продажба, елементите на фискалната сметка, начинот на проверка и контрола на фискалните апарати и правилата за техничко одржување и сервисирање на истите, формата и содржината на барањето за добивање овластување за вршење на контрола и проверка на функционалните и техничките карактеристики на фискалниот систем на опрема и потребната документација документација („Службен весник на Република Македонија“ 168/14, 61/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ 166/20, 315/20 и 5/21, поврзано со последните измени на Законот за ДДВ и кој стапи во сила од 14 март 2022 година.
Согласно член 26 од овој Правилник означувањето на даночните стапки во фискалните апарати се врши со алфа кодови А, Б, В и Г на следниот начин:
– Ознака „А” за добра и услуги кои се оданочуваат со општа даночна стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ) 18%;
– Ознака „Б” за добра и услуги кои се оданочуваат со повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 5%;
– Ознака „В” за добра и услуги кои се оданочуваат со повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 10% и
– Ознака „Г” за добра и услуги кои се ослободени од данокот на додадена вредност (ДДВ) и за извршениот промет на добра и услуги од даночни обврзници кои не се регистрирани за целите на данокот на додадена вредност (ДДВ).
НАПОМЕНА: Согласно дополнувањето на Правилникот даночните обврзници кои се регистрирани за целите на данокот на додадена вредност, а до денот на влегувањето во сила на овој правилник-14 март 2022 година евидентирале само промет со општа даночна стапка на данокот на додадена вредност и повластени даночни стапки на данокот на додадена вредност од 5% или 10%, од 17 март 2022 година, треба со ознака „Г” да евидентираат промет на добра и услуги кои се ослободени од данокот на додадена вредност преку надградба на софтверот на фискалните системи на опрема.
