Ако сте човек со визија за свој бизнис, мотив за „сам свој газда“, енергија да се борите со предизвиците, тогаш овој Оглас е токму за вас.

Прочитајте и дознајте повеќе за можноста да добиете неповратна финансиска помош од 5.000 до 10.000 евра од Буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и да основате свој бизнис.

За сите дополнителни прашања Ве очекуваме да дојдете во Центарот за вработување и да видите за што станува збор!

Врз основа на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за  2022 година, усвоен од Владата на Република Северна Македонија за Програмата 1. Поддршка за Самовработување (Претприемништво), финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија,  на ден  05.04.2022  година се објавува.

ЈАВЕН ПОВИК до невработените лица

1. Се охрабруваат невработени лица со претприемачки дух, со визија да основаат свој бизнис да аплицираат во Програмата Поддршка за Самовработување (Претприемништво).    

Се повикуваат:

  • Невработени млади лица до 29 години
  • Невработени лица со попреченост
  • Невработени лица – мажи до  60 години и жени до 58 години
  • Жени-жртви на родово базирано насилство и жртви на семејно насилство
  • Невработени лица кои сакаат да го формализираат својот бизнис-мажи до  60 години и жени до 58 години
  • Невработени лица Роми-мажи до  60 години и жени до 58 години
  • Невработени лица поради корона вирус-мажи до  60 години и жени до 58 години
  • Невработени лица повратници [1] – мажи до 60 години и жени до 58 години

кои  своето вработување сакаат да го решат со финансиска поддршка преку Програмата Поддршка за Самовработување (Претприемништво), да се пријават во работните клубови на центрите за вработување на АВРСМ со цел аплицирање за учество во програмата.

2. Програмата Поддршка за Самовработување (претприемништво) обезбедува:

  • Ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите ;
  • Неповратни средства (грант) во износ  од  307.500 денари по корисник или до 615.000 денари доколку се основа правен субјект од два содружника како ДОО – Друштво со ограничена одговорност од две лица, при што секој од содружниците ќе има еднаков (50%) удел во друштвото. Доколку едно од лицата кои аплицираат за ДОО се откаже од учество во мерката, во било која фаза од реализација на мерката,  истовремено се откажува  и правото на  учеството на другото лице. 
  • Грантот кој ќе се добие  на наменска сметка (согласно Оперативните Упатства)  со приложување на профактури  за набавка согласно бизнис планот
  • Финансиска поддршка за дополнително вработување за бизниси основани од лица со попреченост
  • советодавна/ менторска поддршка во период од 12 месеци од основањето на бизнисот ќе се обезбеди и на следниве целни групи:
    • лица со попреченост;
    • припадници на ромската заедница;
  • Жени од ранливи категории (приматели на социјална помош, жртви на семејно насилство, жртви на трговија со луѓе, самохрани мајки и социјално исклучени жени по основ на технолошки вишок и стечај).

3. Заинтересираните лица за учество во Програмата можат да аплицираат до  15.04.2022 година.

4. Лицата кои добиле грант за Самовработување во изминатите  години, немаат право да аплицираат за учество во Програмата.

5.  Преку програмата нема да се поддржи основање на бизниси во следните дејности:

  • Земјоделска дејност, односно дејност од Сектор А/А, Оддел 01 – Растително животинско производство, лов и услужни дејности поврзани со нив, со исклучок на органско земјоделско производство;
  • Бизниси во дејност од класа 49.32  – Такси служба;
  • Производство и дистрибуција на оружје, односно дејност од класа 25.40 Производство на оружје и муниција;
  • Финансиски и осигурителни бизниси и активности кои вклучуваат игри на среќа односно дејност од Сектор K/И – Финансиски дејности и дејности на осигурување.
  • По исклучок од Точка 1 и 2, невработените лица со попреченост, корисниците на гарантирана минимална помош, лица кои загубиле работното место поради Ковид-19 (од месец март 2020) и невработените лица Роми ќе можат да регистрираат правен субјект во земјоделскa дејност и такси служба.

6. Правото за учество се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја поодделна програма односно мерка за вработување, како и врз основа  на  основни принципи кои треба да се почитуваат при имплементацијата на програмите и мерките за вработување, како и услугите на пазарот на трудот, односно

  • Справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на труд и вработеноста, предизвикани од пандемијата на COVID-19;
  • Принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор согласно принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или било која друга ранлива категорија на граѓани во согласност со стандардите и практиките на Обединетите нации и Меѓународната организација на трудот;
  • Поттикнување на рамномерен регионален развој, во согласност со податоците од Бирото за регионален развој и степенот на развиеноста на планските региони во Република Северна Македонија.

7. Правата и обврските помеѓу АВРСМ  и учесниците во програмата ќе бидат уредени со склучување на меѓусебен договор.

Пријавата за учество треба да се поднесе во работниот клуб во центрите за вработување, секој работен ден од 08:00 – 14:00 часот. Сите заинтересирани можат да добијат детални информации за мерката во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, контакт центарот 023111-850 и веб страните www.av.gov.mk и www.rabotaimoznosti.mk.

 ____________________________________

[1] Фокусот ќе биде на повратниците од странство припадници од Ромската заедница и други лица во ризик од социјално и економско исклучување кои влегуваат во потенцијални повратници во иднина во општините Шуто Оризари, Штип и Прилеп. Преку проектот ќе се финансираат создавање на 9 нови бизниси.

АГЕНЦИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА  РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА