Измените  на Законот за Данокот на добивка објавени во (“Службен весник на РС Македонија” 151/2021 година), кои влегуваат во сила од 14 јули 2021 година, се однесуваат на следните области:

1. ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ИЗНОСОТ НА РЕГРЕС ЗА ГОДИШЕН ОДМОР  КАКО ДАНОЧНО ПРИЗНАТ РАСХОД

Согласно измената на член  9 од Законот за данокот на добивка, како даночно признат расход за данок на добивка е износот на регрес за годишен одмор во висина од 80% (претходно 40%) од ПРОСЕЧНА МЕСЕЧНА БРУТО ПЛАТА по работник во Република Македонија, објавена до денот на исплатата. 

2. ПРИЗНАВАЊЕ НА ТРОШОЦИТЕ ПО ОСНОВ НА УПЛАТЕНИ ПРЕМИИ ЗА ДОБРОВОЛНО ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ

Согласно измената на член 9 точка 5-б како признат расход за даночни цели се сметаат уплатените премии  за ДОБРОВОЛНО (претходно дополнително) здравствено осигурување, до износот од ЕДНА ПРОСЕЧНА МЕСЕЧНА БРУТО ПЛАТА, исплатена претходната година во РС Македонија, на годишно ниво по вработен.

3. ПОВИСОК ИЗНОС ЗА ПЛАТЕНИ ЛАБОРАТОРИСКИ ТЕСТОВИ  ЗА КОВИД-19 КАКО ДАНОЧНО ПРИЗНАТ РАСХОД

Согласно измените на член 9 точка 21 како признат расход за даночни цели преставуваат  платените лабораториски тестови за КОВИД-19 за вработени лица во износ до 50% од ПРОСЕЧНА МЕСЕЧНА БРУТО ПЛАТА, исплатена во претходната година во РС Македонија на годишно ниво по вработен.

За 2021 г. овој износ по вработен изнесува:

20.283 денари (40.566 х 50%), а претходно се признаваше 9.000 денари годишно по вработен.

4.  АМОРТИЗАЦИЈА НА ПРЕОСТАНАТАТА СЕГАШНА ВРЕДНОСТ НА СРЕДСТВАТА КОИ НЕ МОЖАТ ПОНАТАМУ ДА СЕ КОРИСТАТ

Согласно измената на член 9-а преостанатата сегашна вредност на средствата, кои не можат понатаму да се користат, може да се амортизира во целина, независно од пропишаниот век на траење, при што за таквата амортизација во целина да влезе како расход при утврдување на основата за оданочување, по поднесено барање најдоцна до 31 јануари наредната година за издавање на согласност до Управата за јавни приходи, која во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето ја издава согласноста.